Моето тело по породувањето…

Цел живот буквално мака мачам со килограмите. Добар период од животот бев плус сајз и одлично се носев со тоа. Но пред 2 години решив дека ќе ставам крај на својата лакомост и целосно се посветив на здравата исхрана, вежбањето и облекувањето на телото.

Дојдов до идеална тежина. За 1 година од кога им објавив војна на килограмите, симнав неверојатни 28 килограми и бев пресреќна. Можев да облечам буквално се што сакав без да се нервирам дека ми се гледаат “кризните” точки кој цел живот ги прикривав со шатор облека. Единствена преокупација ми беше што јадам, колку, што покажува вагата, колку подолг кардио тренинг имам и колку повеќе вежбам во текот на една недела.

И тогаш, кога бев најзгодна се случи! Тестот покажа 2 цртки. Ете, не сме внимавале и Бум! Ќе имаме бебе! Нешто за кое не ни се надевав (на оваа тема другпат ќе пишувам)…

Бременоста течеше одлично, килограмите се накачуваа но не толку интензивно. Поради одредени компликации кој ми се случија, ми беше забрането да вежбам. Ок си реков, ќе винимавам на килограмите и без да вежбам.

Потоа повторно се случија одредени компликации и морав да примам тарапија од прогестерон која ми ја направија гладта неподнослива. Никогаш претходно не сум почуствувала таков глад, а веројатно сум една од ретките со неверојатна самоконтрола кога е храната во прашање. Желбата само да јадам и ништо друго се повеќе растеше, а веќе во 6тиот месец од бременоста качив тежина која требаше да ја качам до 9тиот месец.

Уште еден проблем се јави кон крајот на 6 тиот месец и јас буквално морав да ги прележам останатите 3 месеци. Тарапијата се дуплираше, а јас не можев да ја извадам главата од фрижидер. Бело лебче, кисела вода, сладолед, чоколади, пржени компирчиња… се што ми беше забрането (од самата себе) во изминатите неколку години сега јадев без пардон. Изгледав страшно, кожата ми беше мрсна, косата изгледаше безживотно, ништо повеќе не ме собираше.

Дента пред пораѓај, на последното мерење вагата покажа неверојатни 106 кг. Не можев да си поверувам на очите! Бев здебелена 36 кг. и повеќе. Сите мој бродови паднаа во вода. Не можам ни да ви го опишам разочарувањето што ми се случи во тој момент. Јас знаев дека сум ја преминала границата одамна, но не знаев дека ситуацијата е толку алармантна…

7 дена по пораѓајот, вагата се симна до 101 кг. Бебе тежеше само 3. 060 кг. Другото беше мојата непобедлива желба за храна. Се срамев од себе! Се вратив дома и освен на контрола, не излегов никаде во следните 3 недели. Иако доев знаев дека тоа лудило со храната мора да престане! И престана. На 40тиот ден, вагата покажа 94 кг. Симнав 7 килограми за месец ипол. Иако се исхранував многу здраво (салата и месо, овошје и зеленчук) млекото ми престана баш тогаш.

Оттогаш симнав дополнителни 12 кг. Односно од пораѓај до скоро 9 месеци по пораѓај, симнав 19 кг. И планирам да симнам уште! Но полека и упорно. Дали знаете какви стрии ми се појавија? Дали знаете колку ми се промени кожата и структурата на телото? Но знаете што е поважно? Сфатив дека сум била во заблуда целото ова време! Наместо да се срамам јас треба да сум најгорда! Од тоа тело се хранеше, растеше и се роди еден ангел! Тоа тело не го измени целосно својот изглед поради мојата лакомост и себичност. Се случи да морам да примам таква тарапија, која ме направи ненајадена цели 9 месеци. И сега, гледам дека немало потреба толку да се срамам. Напротив! Сега сум горда на секоја стрија која бременоста ми ја донесе! Нормално, никогаш повеќе нема да изгледам како претходно, но ќе направам се да изгледам онака како што сакам. Градите никогаш повеќе нема да изгледаат онака како пред бременоста, но од тие гради пиело млеко моето дете.

Не само што ми се промени телото, туку и јас се променив. Моето дете ме промени мене, ми остави “белези” од нашата дружба кои со гордост ќе ги покажам на плажа ова лето. Зошто јас бев неговиот дом 9 месеци, ние бевме едно тело, а две души. И ако е потребно, повторно би поминала низ истото. Без расмислување!

Главата горе супер мамички! Ти си во најидеалната форма од вашиот живот досега. Ти си МАЈКА!

Advertisements